Вооружените сили на Јужна Кореја се ставени во состојба на зголемена готовност поради можноста на Северна Кореја да изврши денеска нова нуклеарна проба. Тоа денеска на брифинг во Сеул го изјави портпарол на јужнокорејското Министерство за одбрана, јави ТАСС.
– Војската одржува висок степен на готовност со оглед на можноста Пјонгјанг да изврши нуклеарна експлозија, изјави тој. – Денеска таа веројатност е особено висока, бидејќи Северна Кореја ја чествува годишнината од создавањето на вооружените сили, додаде тој.
Портпаролот потврди дека јужнокорејското разузнавање констатира во Северна Кореја „знаци на подготовка за нуклеарна проба во врска со тој датум“. Но истакна дека нуклеарниот тест може да биде извршен и во друг „неочекуван момент“.
Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Су Јонг вчера изјави дека неговата земја е подготвена да ги прекине нуклеарните проби, доколку САД ги прекинат годишните воени вежби со Јужна Кореја.
Само неколку часа претходно властите на Северна Корека соопштија дека извршиле проба на лансирање балистичка ракета со подморница, со присуство на лидерот Ким Џонг-ун и дека тоа бил голем успех, кој на таа земја и пружил уште едно средство за моќен нуклеарен напад.