Најмалку осум туристи, меѓу кои седуммина странци, се убиени денеска при напад на група вооружени лица врз музејот „Бардо“, кој се наоѓа до зградата на Парламентот на Тунис, соопшти портпаролот на туниското Министерство за внатрешни работи, Али Еларви.
Во првичните извештаи од Тунис се јавуваше дека цел на нападот бил тунискиот Парламент.
Според непотврдени информации, мажи облечени во маскирни униформи и вооружени со „калашникови“ упаднале во музејот и отвориле оган кон група туристи.
Туниското државно радио јави дека двајца вооружени мажи се забарикадирале во музејот, каде како заложници задржале група туристи. Од музејот се слушнале и истрели, а полицијата ја опколола зградата.
Локални медиуми јавија дека во музејот има околу 200 заложници, додека Елрави информира дека „двајца мажи држат неутврден број заложници“.
Во време на нападот врз музејот, во Парламентот се одржувале седници на неколку парламентарни комисии, кои биле прекинати, а пратениците биле повикани да се соберат во фоајето на зградата, по што се евакирани заедно сите вработени и присутни во објектот.