Во Мјанмар се пребројуваат гласовите од изборите што се одржаа пред три дена и според досегашните резултати се случува она што беше познато и пред изборите, а тоа се убедливи победи на кандидатите на опозициската Национална Лига за Демократија (НЛД). Од досега соопштените резултати, за долниот дом на Парламентот НЛД има 63, а владејачката партија за Национална солидарност само 2 исбрани парламентарци.
Меѓутоа, партијата што ја предводи нобеловката за мир Аунг Сан Су Ќи ќе биде соочена со фактот дека 25 отсто од парламентарниот состав доаѓаат директно од армискиот состав, што значи дека ако армијата не ја прифати соработката со НЛД, тоа ќе биде пирова победа.
Армијата во Мјанмар, поранешна Бурма, која ја презеде власта во 1962 година, се согласи за отастапување на дел политичката моќ на цивилниот дел на населението во 2011 година, задржувајќи право на една четвртина свои пратеници, а тие имаат и право на вето на евентуални уставни промени. Барем досега, во ретките изјави од армискиот врв, се најавува дека армискиот врв и натаму смета дека ќе ја контролира состојбата во државата заедно со партијата Национална Солидарност, што ја води сегашниот претседател Теин Сеин.
На прес конференција, водачот на опозицијата Су Ќи денеска изјави дека испратила порака до армискиот врв во кој предлага платформа за општо национално помирување. Аналитичарите проценуваат дека понудата нема многу изгледи да биде прифатена, но сепак, се е можно. Во некои медиуми во Мјанмар се појави вест дека армијата би прифатла соработка со НЛД на Аунг Сан Су Ќи, ако таа писмено се обврзе дека не би ја барала претседателската функција. Лидерката на опозицијата според сегашниот Устав, зашто била сопруга на странец, нема право да се кандидира за шеф на државата. Веста не е ниту потврдена, ниту демантирана.