Канцеларијата на Обединети нации за човекови права изрази длабока вознемиреност поради смртните казни што судот во Триполи денеска ги изрече за поранешни функционери од времето на соборениот и убиен либиски лидер Моамер Гадафи.
– Внимателно го следевме процесот на притворање и судење и заклучивме дека меѓународните стандарди поврзани за фер судење не се задоволени, се наведува во соопштението на Канцеларијата на ОН.
Како пропусти се посочуваат воспоставувањето на индивидуални кривични одговорности, неможност од пристап до адвокатите, тврдење за лошиот третман кон притворените и судење во отсуство на обвинетите.
Судот во Триполи денеска на смрт го осуди Сеиф ал Ислам Гадафи, како и осуммина блиски соработници на поранешниот либиски претседател Моамер Гадафи.
Судот заседаваше во Триполи каде на власт се коалиција од милиции, од кои дел се исламистички.
Меѓу осудените на смрт се последниот премиер од времето на Гадафи, Багдади ал Махмуди и поранешниот шеф на разузнавањето Абдула ал Сенсуи. Тие се осудени за улогата во крвавите репресии при бунтот, со кој беше симнат од власт Гадафи во 2011 година.