Никој не го сака еврото како своја валута повеќе отколку Романците, покажува ново истражување

Од:

Тесно мнозинство од граѓаните на седум земји-членки на ЕУ кои не го користат еврото како домашна платежна валута, сметаат дека неговото воведување ќе има позитивно влијание врз нивната земја, а жителите на Романија даваат најголема поддршка за влез на нивната земја во еврозоната, покажа истражување на Евробарометар.

Вкупно три четвртини од Романците и повеќе од половина од граѓаните во Унгарија (69 проценти), Хрватска (61 процент), Полска (56 проценти) и Бугарија (54 проценти) имаат позитивен став кон воведувањето на еврото, додека поддршката е најниска во Чешка (33 проценти) и Шведска (43 проценти).

Од вкупниот број испитаници во сите седум земји, 57 проценти се изјасниле дека го поддржуваат преминот во еврото, додека 40 проценти се против.

Во сите земји, освен Чешка, поддршката за еврото е зголемена во споредба со 2020 година. Најголем раст е забележан во Романија (за 12 отсто) и Шведска (за 8 отсто).

Преминувањето кон еврото имаше позитивни последици во земјите кои веќе се приклучија на еврозоната, според 60 проценти од учесниците во истражувањето во кое учествувале повеќе од 7.000 граѓани од Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Шведска. Помалку (52 проценти) веруваат дека тоа ќе има позитивно влијание врз нивната земја.

Според анкетата спроведена во мај, 63 проценти од Романците, 60 проценти од Унгарците и 56 проценти од Хрватите веруваат дека промената ќе има позитивно влијание врз нивната земја. Ова, сепак, не е мислење на повеќето испитаници во Полска и Шведска.

Мнозинството Романци (70 проценти) и Хрвати (57 проценти) исто така веруваат во позитивен ефект на лично ниво, додека 46 проценти од Бугарите мислат така.

Сепак, процентот на испитаници кои оценуваат дека нивната земја е подготвена да премине на еврото е се уште мал во сите земји.

Најголем процент од оние кои сметаат дека нивната земја е подготвена за воведување на еврото е во Хрватска (34 проценти), а само 18 проценти од Полјаците мислат така.

Хрватите главно веруваат дека нивната земја ќе влезе во еврозоната во следните пет години. Така мислат 78 проценти од Хрватите и 64 проценти од Бугарите, а само осум проценти од Швеѓаните.

Испитаниците гледаат на можните негативни последици од воведувањето на еврото како пораст на цените, губење на контролата над националната економија или делумно губење на идентитетот.

Повеќето испитаници во сите земји, освен Унгарија, очекуваат зголемувања на цените во нивните земји по преминот во еврото. Тој процент е највисок во Чешка (77 проценти), Хрватска (71 процент), Бугарија (69 проценти) и Полска (66 проценти).

Огромното мнозинство од испитаниците сметаат дека ќе можат да се приспособат на преминот кон новата валута, но некои сепак сметаат дека воведувањето на еврото ќе значи губење на контролата врз националната економска политика. Повеќето од оние што мислат така се наоѓаат во Шведска (67 проценти), а најмалку во Унгарија (24 проценти).

Поголемиот дел од испитаниците во Чешка (71 процент), Шведска (62 проценти) и Хрватска (54 проценти) сметаат дека преминот во еврото ќе значи дека нивната земја ќе изгуби дел од својот идентитет. Вкупно, во сите седум земји, помалку од половина од испитаниците (43 проценти) мислат така.

Една четвртина од испитаниците во сите седум земји сакаат да се префрлат на еврото што е можно поскоро, а 36 отсто се со став дека еврото треба да се воведе или најбргу што може, или никогаш.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Бизарна случка во Романија, мечка се појави на погреб

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Доларот зајакна во однос на еврото

Притвор за политичарот од Романија кој силувал малолетничка, дете на негова колешка

Романскиот претседател Клаус Јоханис ја објави својата кандидатура за шеф на НАТО

Земјотрес ја погоди Романија