Угледната британска групација на бизнисмени БНЕ (Бизнис фор њу Јуроп) проценува дека на евентуално независна Шкотска, ќе и бидат потребни најмалку три години за да стане членка на ЕУ.
Во специјално подготвената анализа, што денеска е публикувана се вели дека „сосема е невозможно“ Шкотска да биде дел од ЕУ, онака како што таа е сега во Унијата, како дел од Велика Британија.
Експертската анализа на БНЕ тврди дека „независна“ Шкотска неможе да биде во ЕУ пред 2020 година.
Таа перспектива се однесува само ако Владата во Единбург, веднаш не инсистира и на влез во еврозоната, со прифаќањето на еврото за своја валута и не бара делење на „рибејт“ средствата, што Владата во Лондон ги добива последните триесетина години, од буџетот на Унијата, затоа што користи малку средства од фондовите за субвенцонирање на аграрот.
Анализата на БНЕ оценува дека Шкотска ќе мора да бара прием во ЕУ, како и секоја нова, земја членка, затоа што со денот кога таа ќе прогласи независност ќе престане нејзиниот статус во Унијата, што сега го има преку британското членство од 1973 година.
Владата во Единбург има сосема мали шански да добие право за прием по „забрзана процедура“ а единствената отстапка што би можела да се направи, тоа е Шкотска да добие некаква привремена спогодба, додека траат преговорите за полноправно членство.
Во групацијата БНЕ, членуваат компании и нивните бизнис лидери, како британскиот воено-индустриски комплекс БАЕ, најстарата шкотска банка РБС (Ројал банк оф Скотланд), потоа компанијата за гас и струја „Скотиш Пауер и нафрената компанија „Шел“.
Групацијата „Бизнис фор њу Јуроп“ се декларира себе си како коалиција на бизнисмени кои се залагаат за реформирање на ЕУ.
Актуелниот претседател на Европската Комисија, Мануел Баросо, во февруари годинава, изјави дека ќе биде „тешко, ако не и невозможно“ приклучувањето на една отцепена, независна Шкотска во ЕУ, но сите вакви прогнози ги отфрла сепаратистичката, Шкотска национална партија (СНП).
Претставник на партијата, чија Влада управува со Шкотска, реагирајќи на анализата на БНЕ изјави дека „единствената закана за шкотското членство во ЕУ е само премиерот Дејвид Камерон и неговиот референдум за напуштање на Унијата, откако Вестминстер танцува онака ако што свири Партијата на независноста на Обединетото Кралство (УКИП)“ на евроскептикот Најџел Фараж.