Најмалку 10 лица загинаа во експлозија во станбена зграда во алжирската провинција Борџ Бу Арериџ, соопшти денеска алжирската служба за цивилна одбрана.
Во експлозијата се повредени уште 16 лица, а се верува дека била предизвикана од истекување гас. Од силината на експлозијата подоцна дошло до уривање на зградата, наведува локалната цивилна одбрана.
Сè уште не е познато колку лица имало во зградата вчера, во моментот на експлозијата.
Меѓу загинатите е и деветмесечно дете, објави алжирскиот весник „Енахаронлајн“.
Провинцијата Борџ Бу Арериџ се наоѓа на околу 250 километри источно од главниот град на Алжир.
Извор: МИА