Долгогодишниот претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе, ќе биде погребан во неговиот роден дистрикт Звимба, а не на националните Гробишта на хероите, соопшти денеска владата на земјата, по три недели дискусии околу местото на неговото погребување.
Мугабе, кој бил огорчен по соборувањето со воен пуч во ноември 2017 година и според членовите на семејството сакал да биде погребан во Звимаба.
Актуелниот претседател Емерсон Мнангагва, поранешен близок соработник на Мугабе, се залагаше неговиот претходник да биде погребан на Гробиштата на хероите за да демонстрира помирување со семејството и приврзаниците.
„Семејството на починатиот поранешен претседател изрази желба тој да биде погребан во Звимба. Во согласност со владината политика да ги исполни желбите на семејствата на починатите херои, владата ќе соработува со семејството на Мугабе во исполнување на нивните желби”, се вели во соопштението на Министерството за информации.
Роберт Мугабе почина на 6 септември на 95-годишна возраст.