Првиот премиер на независно Зимбабве и долгогодишен претседател на земјата, Роберт Мугабе, ќе биде погребан во недела во националното светилиште во главниот град Хараре, изјави денеска портпаорлот на семејството Мугабе, што е во спротивност со коментарите што се слушаа вчера, а според кои семејството се противело на владините планови за организација на погребот.
Мугабе, кој како дикаттор владееше со Зимбабве цели 37 години, до декември 2017 година, кога беше соборен од власта со воен удар, умре пред една недела во болница во Сингапур, на 95-годишна возраст.
Борбата околу местото на неговото погребување претставуваше голем проблем за претседателот Емерсон Мнангагва, некогашен негов заменик, кој се здружи со војската за да го симне од власта. Се закануваше опасност дека на виделина ќе излезат длабоките поделби во владеачката партија ЗАНУ-ПФ.
-Можам да потврдам дека ќе биде погребан во недела меѓу националните херои, рече портпаролот на семејството Лео Мугабе, додавајќи дека по службената церемонија ќе следи и приватно семејно собирање кај споменикот на хероите од ослободителната војна против малцинската власт на белците во ова аафриканска земја.
Телото на Мугабе од Сингапур во Хараре пристигна во средата.
Некои роднини на Мугабе изразија несогласување со начинот на кој поранешните „другари“, како Мнангагва, го соборија Мугабе од власта, па затоа се заложија погребот на поранешниот претседател да биде во неговото родно село.
На погребот во недела ќе присуствуваат претседателот на Јужна Африка, Цирил Рамафоса и на Кенија, Ухуру Кенијата.