Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе им порача на своите политички противници кои загубија на неодамнешните претседателски и парламентарни избори „самите да се обесат“.
Во говорот во главниот град Хараре по повод Денот на хероите и одбележувањето на 33 годишнината од ослободувањето на земјата од колонијално ропство, Мугабе ги отфрли критиките и обвинувањата од домашната опозиција и од меѓународната заедница, а посебно од Западот, дека изборите биле целосно нерегулани и фалсификувани.
Лидерот на опозицијата, премиерот Морган Цвангирај тврди дека изборите се „масовно фалсификувани“, откривајки најмалку 870 илјади двојни имиња на гласачи. Една домашна независна комисија која ги надгледуваше изборите соопшти дека имало „барем еден милион повеќе гласачи“ за овие избори, од официјално запишаните 6,4 милиони гласачи.
Цвангирај, кој е лидер на главната опозициона партија Движење за демократски промени (МДЦ), најави дека ќе поднесе тужба за „украдената изборна победа“, неприфаќајќи дека Мугабе уште еднаш извојувал убедлива победа.
Лидерот на опозицијата одби да присуствува на митигот во Хараре по повод празникот, објаснувајки дека не би сакал да дели ништо со „изборни крадци“.
– Ако не може да ги прифатите изборните резултати, тогаш одете и обесете се, му порача Мугабе на лидерот на опозицијата Цвангирај.
Роберт Мугабе, кој наполни 89 години, цели 33 години е на власт во Зимбабве, уште од Денот на независноста на оваа поранешна британска колонија, која тогаш се нарекуваше Јужна Родезија.