Млад маж денеска се запали во центарот на Тунис, неколку часа пред туниските пратеници да гласаат за доверба на новата влада, чија задача е да ја извлече земјата од политичката криза.
– Јас сум момче кое продава цигари бидејќи не може да најде друга работа, викнал мажот пред да се запали во авенијата Хабиб Бургиба пред зградата на градското собрание. Тој со тешки изгореници префрлен е во болница.
Бројот на луѓето кои се одлучуваат на самоубиство е зголемен во Тунис откако млад уличен продавач се запали на 17 декември 2010 година, во знак на протест поради малтретирање од страна на полицијата. Смртта на Мухамед Боазизи во градот Сиди Бузид покрена масовен бунт, а следниот месец беше соборен Зин ел Абидин Бен Али.
Економските и социјалните потешкотии беа клучни фактори за соборување на режимот на Бен Али, а две години потоа невработеноста и сиромаштијата и понатаму се присутни во оваа северноафриканска држава.
Тунис се соочува и со друга политичка криза по убиството на левичарскиот опозициски лидер Шокри Белаида на шестти февруари годинава. По неговото убиство тунискиот премиер Али Ларајед поднесе оставка, а пратениците денеска треба да гласаат за доверба на новиот кабинет.