По убедливата изборна победа на опозициската Национална лига за демократија (НЛД) и најавената подготвеност на армијата и на актуелните власти за мирна и демократска промена на власта, во Мјанмар е најавено формирање на Национален комитет за дијалог, кој ќе се обиде да ги реши и споровите со бунтовничките племиња кои не го потпишаа договорот за прекин на вооружените непријателства.
Комитетот ќе биде формиран на 24 ноември, а во него покрај новите пратеници од провинциите каде што се уште траат непријателствата, ќе има претставници што ќе ги определи сегашниот претседател Теин Сеин и победничката на изборите, нобеловката Аунг Сан Су Ќи.
Рамките на политичкиот дијалог ќе се определат до средината на декември, а формалниот дијалог на кој треба да се утврдат моделите на мировниот процес ќе започне на 14 јануари идната година.
Против започнувањето на дијалогот за конечно остварување на мирот во Мјанмар, застана дел од врвот на будистите, познати по тоа што соработуваат со армискиот врв кој раководеше со Мјанмар пет децении. И сегашната владејачка партија и НЛД на Су Ќи се оградија од ставот на делот од будистичкиот клер, кој тврди дека не е можно помирување на будистите и муслиманите.