Министрите за надворешни работи на земјите од Г8 едногласно ја осудија агресивната реторика на Северна Кореја, изјави денеска шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле на вториот ден од министерската средба во Лондон.
– Сите држави од Г8 се уверени дека ескалацијата на воинствената реторика треба да запре, рече Вестервеле, пред новинарите пред да влезе на средбата со неговите колеги од Велика Британија, Италија, Канада, Русија, САД, Франција и Јапонија. Според него таа реторика е целосно неприфатлива.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави дека Северна Кореја е на крстосница и оти доколку не се определи за дијалог може „да заврши како растурена земја во изолација“.
Владата во Пјонгјанг упати закани кон Јужна Кореја, Јапонија и САД и најави дека се подготвува доколку е потребно да употреби неколку ракети истовремено, јави ДПА.
Севернокорејскиот амбасадор во Лондон Хон Хак-бон изјави дека дејствијата на неговата земја се „контролирани“.
Според западните експерти за 14 дена ќе биде истрелана севернокорејска ракета Мусудан, која веќе била наполнета со течно гориво. Станува збор за модифицирана варијанта на оваа ракета, која има дострел од три до четири илјади километри.
Вестервеле истакна дека земјите од Г8 немаат ист став за кризата во Сирија.
Русија е единствената од осумте земји, која го поддржува режимот на Башар ал Асад, а Велика Британија и Франција бараат од Европската унија да го олесни ембаргото за оружје за Сирија, со цел да им се овозможи на бунтовниците да добијат оружје и на тој начин побрзо да завршат крвопролевањата во земјата.