Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 оценија дека нема оправдување за користење на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван за „агресивна воена активност“ во Тајванскиот теснец.
„Загрижени сме поради неодамнешните и најавени заканувачки акции на Народна Република Кина, особено вежбите со боева муниција, како и со економската принуда, со кои се ризикува непотребна ескалација. Нема оправдување за користење на посетата како изговор за агресивна воена активност во Тајванскиот Теснец. Ја повикуваме НР Кина еднострано и со сила да не ја менува статус кво ситуацијата во регионот и да ги решава споровите меѓу теснецот по мирен пат“, се наведува во соопштението од министрите од седумте индустриски најразвиени земји.
Извор: МИА