Министер од Пакистан дома имал приватен затвор

Од:

Министер од Пакистан е обвинет дека водел приватен затвор во неговиот дом, откако во бунар во близина на неговиот дом биле пронајдени распарчени тела на три лица.

Сардар Абдул Рехман Кетран, министер за комуникации и работи на провинцијата Белучистан ги отфрли обвинувањата и рече дека тие се дел од заговор против него.

На 20 февруари полицијата пронашла распарчени тела на жена и нејзините два сина во вреќи во бунар во близина на куќата на министерот, јавуваат локалните медиуми.

Жртвите се идентификувани како Гиран Наз (40) и нејзините синови Мохамад Наваз (22) и Абдул Кадир (15).

Според локалните медиуми, жртвите биле идентификувани како сопругата и синовите на Кан Мухамед Мари, кој тврди дека министерот го држел неговото семејство во заробеништво во приватен затвор речиси четири години.

„Ова се телата на мојата сопруга и синовите кои беа чувани во приватна ќелија во последните четири години“, рече тој.

Тој тврдеше дека неговите пет други деца, меѓу кои и неговата 13-годишна ќерка, сè уште се во приватниот затвор на министерот.

Министерот за внатрешни работи нареди „безбедно враќање“ на киднапираното семејство.

По овие наводи, локалната полиција во четвртокот вечерта упаднала во куќата на министерот, но засега никој не е уапсен.

Случајот предизвика бес на социјалните мрежи, при што во осудата се приклучи и поранешниот пакистански премиер Имран Кан.

„Најостро го осудувам незаконското затворање, физичкото малтретирање и убиството на сиромашна жена и нејзините деца во приватниот затвор на Сардар Абдул Рехман Кетран“, напиша тој на Твитер.

Тој рече дека треба да се преземат итни мерки против „законот на џунглата“.

Мари рече дека неговото семејство било затворено во 2019 година во приватниот затвор на министерот, откако тој не сведочел во случајот меѓу провинцискиот министер и неговиот син, Сардар Инам Кетран.

Демонстрантите рекоа дека нема да ги закопаат телата на жената и нејзините синови додека премиерот Шехбаз Шариф не ги посети.

Локалната болница соопшти дека телата покажале знаци на тортура и рани од куршуми во череп. Рацете и стапалата им биле врзани со јажиња, додека лицето на жената било смачкано.

Министерот ги отфрли обвинувањата дека водел приватен затвор и го мачел семејството.

„Синоќа, на околу два километри од куќата, три тела биле фрлени во бунар, не знам кој ги фрлил“, рече тој.

Ова не е првпат министер да биде обвинет за водење приватен затвор. Локалната полиција и силите за борба против тероризмот извршија рација во приватниот затвор во 2014 година и тогаш соопштија дека биле пронајдени седум лица, меѓу кои две жени и три деца.

Би можело да ве интересира

Пакистан: Пет војници загинаа во напад на воен објект

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Во Пакистан ненадејно падна снег, загинаа најмалку 35 лица

Исламската држава ја презеде одговорноста за експлозиите во Пакистан

Пакистан е веќе нуклеарна сила: Никој нема увид што изработува и колкава опасност може да предизвика

А1он

(ВИДЕО) Пакистан изврши ракетни напади на територијата на соседен Иран

Горан Наумовски

ВИДЕО: Нуклеарно вооружените Пакистанци се закануваат со одмазда за нападот од Иран