Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави денеска дека нема да се поколеба да воведе економски санкции спрема Русија ако ситуацијата во Украина уште повеќе се дестабилизира.
Меркел го повика рускиот претседател Владимир Путин да изврши притисок врз проруските сепаратисти и да помогне на тој начин за намалување на тензиите во Украина.
– Од решавачко значење е претседателот Путин да го искористи своето влијание да ги натера сепаратистите да се воздржат од насилства, да го предадат оружјето и да ја запрат окупацијата. Ако тоа не се случи, нема да се поколебам да воведам дополнителни санкции, изјави Меркел во парламентот.
Нејзината изјава беше пред средбата на врвот на Г-7 што ќе се одржи во Брисел. Меркел додаде дека светот не направил доволно за регулирање на финансиските пазари.