Мајкрософт денеска соопшти дека ќе го купи гигантот во индустријата за видео игри, компанијата Активижн Близард (Activision Blizzard), за 68,7 милијарди долари и тоа во готовина.
Договорената цена значи дека Мајкрософт ќе плати 95 долари по акција на Активижн.
Акциите на Активижн скокнаа за 27 отсто на Њујоршката берза по објавувањето на веста, додека акциите на Мајкрософт паднаа за помалку од 1,0 отсто.
Доколку се реализира аквизицијата, тоа ќе биде досега најголемото преземање на Мајкрософт, по купувањето на ЛинкдИн (LinkedIn) во 2016 година за 26,2 милијарди долари.
Активижн, познат по популарните видео игри како Call of duty, Diablo и други, се најде во центарот на вниманието на јавноста во последните месеци поради извештаите за сексуално недолично однесување и малтретирање од страна на одредени директори. Компанијата во понеделникот соопшти дека отпуштила десетици директори по спроведената истрага.
Според договорот, извршниот директор на Активижн, Боби Котик, чија оставка се бараше поради проблемите со односот на шефовите кон вработените во неговата компанија, и во текот на транзицијата ќе остане генерален директор.
Извор: МИА