Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека не гледа значително влијание врз безбедноста на украинската нуклеарна централа Чернобил откако и беше прекинат дотокот на електрична енергија, што доведе до опасност од испуштање на радиоактивни материи.
МААЕ соопшти дека од Украина е информирана за прекинот на електричната енергија и дека таквиот развој на настаните го нарушува клучниот елемент на безбедноста – „обезбедување постојано снабдување со електрична енергија“, но и дека „во овој случај, МААЕ не гледа критично влијание врз безбедноста “, пренесоа британските медиуми.
Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ претходно денеска најави дека е можно од украинската нуклеарна централа во Чернобил да се испуштат радиоактивни материи, бидејќи централата без струја нема да може да го лади потрошеното нуклеарно гориво.
МААЕ објасни дека не е потребно снабдување со електрична енергија за ладење на потрошеното нуклеарно гориво.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека Русија мора да го почитува привремениот прекин на огнот за да овозможи поправка на далноводот до Чернобил, бидејќи, како што тврди, може да дојде до истекување на радијација доколку се уште нема струја.
Извор: МИА