Ликот на Ким Ил-сунг, основачот на Северна Кореја, е отстранет од новата банкнота, пренесе ДПА, повикувајќи се на денешните написи во јужнокорејските медиуми.
На новата банкнота од 5.000 вони, што е и банкнота со најголема вредност во земјата, место ликот на досега неприкосновениот лидер е поставена слика од неговиот дом од времето на неговите детски години, пишува јужнокорејскиот дневен весник „Чосон илбо“.
На втората страна на банкнотата се наоѓа музејот во Пјонгјанг во кој се изложени подароците што Северна Кореја ги добила од странските лидери, посочува весникот.
Оваа промена може да е обид за намалување на култот кон личноста на Ким Ил-сунг, со кој се прочистува патот неговиот внук и актуелен лидер Ким Џонг-ун да воведе ограничени економски реформи, изјавуваат аналитичарите цитирани од јужнокорејскиот весник.
Новата банкнота не е дел од мерките за монетарната реформа, изјави извор на агенцијата Јонхап на крајот на јули, кога во Северна Кореја се појавија првите информации за новите банкноти, забележа ДПА.