Курц: Кикл не може сам себе си да се истражува

Од:

Австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, по аферата во која е вмешан врвот на неговата Слободарска партија (ФПО), не може да остане на местото шеф на полицијата.

ФПО изминатиов викенд остана без лидерот и потпретседателот, Хајнц Кристијан Штрахе и Јохан Гуденус, откако се појавија видео снимки од 2017 година на кои се гледа како на една наводна внука на руски милијардер наводно ѝ нудат државни зделки за финансиска поддршка на нивната партија.

Курц на тоа реагираше со одлука за предвремени избори, но до изборите со земјата ќе управува актуелната Влада.

Тој побара од коалицискиот партнер да го отстрани Кикл од функцијата министер за внатрешни работи, затоа што смета дека не може да води истрага во овој случај затоа што во времето кога се направени снимките бил генерален секретар на ФПО.

– Слободарците сами себе се уништија и нивното однесување не само што ја оневозможи нашата понатамошна соработка, туку им нанесоа голема штета и на угледот на политиката и на нашата земја, истакна Курц во изјава за виенскиот весник „Естерајх“.

Тој вели и дека бил потресен од видео снимките и од она што го рекол Штрахе затоа што со тоа коалицискиот партнер покажал дека има сосема поинаков пристап кон политиката од неговиот.

На прашањето зошто му требале 24 часа за да реагира, Курц објасни дека во таква сложена ситуација е важно да се остане трезвен.

– Поради тоа сакав прво да донесам одлука и потоа сите да ги информирам, претседателот, како и членовите на мојата партија, пред да излезам во јавност, рече тој.

Курц вели дека нападите од ФПО на негова сметка покажуваат дека партијата се уште не е свесна за димензиите на скандалот.

– Она што го сакаме и што е потребно е детално расветлување на случајот. Тоа дека поранешен генерален секретар на ФПО, кој можеби учествувал во незаконски дејствија не може сега како министер за внатрешни работи сам против себе да води истрага, би требало на сите да им биде јасно, рече тој.

Претседателството на ФПО соопшти дека, ако канцеларот Курц го смени министерот Кикл, ќе мора да смета на оставка на сите членови на Владата кои се од ФПО.

Би можело да ве интересира

Австрискиот парламент го отфрли трговскиот договор на ЕУ со Јужна Америка

А1он

Австрија: Војската не е во состојба да ги заштити граѓаните

Ана Ололовска

Партија Неос: Курц да престане да „пали“ низ Балканот

Ана Ололовска

Австрија: Моментално ниту една коалиција не е реална без ОВП

Ана Ололовска

Анкета: Аферата „Ибица“ нема да влијае на рејтингот на партиите

Ана Ололовска

Олимпискиот бегалец обвинет за сексуално злоставување конечно уапсен