Американската Национална безбедносна агенција (НСА) го прислушува седиштето на Обединетите нации во Виена, каде се сместени повеќе институции на ОН, како Меѓународната агенција за атомска енергија и Канцеларијата на ОН за борба против наркотиците и криминалот, објави денеска виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“.
Весникот објави серија фотографии од високатницата спроти седиштето на ОН на која наводно се наоѓа станицата за прислушување.
– Самата близина на таа зграда во близина на седиштето на ОН во Виена дава повод за заклучок дека малата куќичка на покривот на облакодерот, која би требало да биде куќичка за поправка на зградата всушност е станица за прислушување на светската организација, тврди весникот.
„Кронен цајтунг“ истакнува дека станицата прима сигнали од прислушните апарати поставени во просториите на ОН.
Весникот наведува дека до покривот од 130-метарската зграда, каде се наоѓа сомнителната куќичка може да се дојде само преку скали кои се под видео надзор. Куќичката е опкружена со жица.
Австриските медиуми наведуваат дека куќичката на покривот од високатницата не е единственара прислушна станица на НСА во Виена и оти постои станица во Амбасадата на САД и во вила во елитниот дел на Виена, на чиј покрив се наоѓаат многу антени.
Амбасадата на САД во Виена одби да ги коментира наводите на „Кронен цајтунг“.