Иако медиумите со месеци пишуваа дека севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун не се појавува во јавност поради здравствени причини, информациите од Јужна Кореја велат дека тој периодот го искористил за нови пресметки со противниците.
Според пишувањето на „Џонган Дејли“, еден од најпрестижните дневни весници во Јужна Кореја, во новите големи чистки настрадале шест високо рангирани официјални лица, а ова тврдење е поткрепено со фактот што истите со недели не се појавуваат на важни настани.
-Имам информации дека се убиени шест функционери- вели добро информиран извор.
Меѓу настраданите е и министерот за телекомуникации, Сим Хол Ко, како и угледниот архитект Ма Вон Чун, кој во јавност не се појавил дури 66 дена.
Според пишувањето на весникот командантот на севернокорејските воздушни сили, членот на Меѓународниот олимписки одбор како и началникот на главниот стожер на севернокорејската војска, се дел од функционерите за кои се наведува дека се егзекутирани.
Ејдан Фостер-Картер , експерт за Кореја од Универзитет во Лидс, изјави дека весникот кој ја објави оваа информација е еден од најреспектабилните во Јужна Кореја, што на извештајот му дава дополнителен кредибилитет.
За потсетување севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун пред една година ја изведе првата чистка во која настрада неговиот роднина, Јанг Сонг Тек, но и други важни личности во Пјонгјанг.
Е. Г.