Кери упати безбедносни гаранции за сојузниците во Европа

Од:

Американскиот државен секретар Џон Кери ја предупреди Русија дека САД силно ќе ги бранат териториите на земјите – членки на НАТО, а воедно најави економска и друг вид на помош за Украина, како и нови санкции за Русија.

– Настаните во Украина се повик за будење. Нашите европски сојузници и ние потрошивме 20 години обидувајќи се да ја интегрираме Русија во евро-атланската заедница. Ја поканивме во Светската трговска организација или во Советот НАТО – Русија. Но, руските постапки во Украина покажуваат дека Путин игра по други правила, и со окупацијата на Крим и подоцнежната дестабилиација на источна Украина, Русија сака да го смени безбедносниот пејсаж во источна и средна Европа. Најважно е апсолутно јасно да му ставиме на знаење на Кремљ дека НАТО територијата е неповредлива. Ние ќе го браниме секое последно парче од неа. Членот 5 на Повелбата на НАТО мора да вреди нешто, и нашите сојузници на првите борбени линии не заслужуваат ништо помалку, порача Кери, кој вчера се обрати на големата конференција на Атланскиот совет на САД, на која американскиот надворешно-политички врв дискутираше за Украина и проширувањето на НАТО и на Европската Унија.

Кризата во Украина предизвика страв во американските сојузнички земји на Балтикот, средна Европа, Црното Море и во неутралната Финска, дека некоја од нив може да се најде изложена на руски притисок.

Кери воедно ја повика Европа да ги зголеми расходите за вооружување за да одговори на руската закана, како и да се ослободи од енергетската зависност од Русија преку по-зелени извори на енергија и подобра енергетска инфраструктура.

Дводневниот собир во Вашингтон беше отворен со драматични предупредувања од експерти како Збигњев Бжежински, Роберт Каган, и сенаторот Џон Мекејн, кој изјави дека Европската Унија засега не е сериозна во спроведувањето на санкции против Русија, а само мал дел од украинската армија е подготвен или опремен да се спротистави на евентуален руски напад.

Мислењата на експертите околу тоа што треба да се прави со Украина беа поделени, од повици за вооружување на украинските граѓани за да се спротистават на очекуваната руска инвазија, до предлози за поделба на земјата на сфери на влијание.

– Би рекол дека Украина треба да се развива по примерот на Финска, земја која генерално е дел од Европа, со внатрешена демократија, но не е членка на НАТО. Тоа би важело на западниот дел на Украина, а источниот дел ќе биде отворен за нормални трговски односи со Русија кои се неопходни за нејзиниот економски опстанок. Тоа би било земја со двоен статус, која врши разлика меѓу своите економски интереси и духовниот европски карактер, нема да биде членка на НАТО, но зошто да не, може да биде членка на ЕУ. Со тоа што, на Русите би им кажале дека за Украина да влезе во ЕУ ќе мора да ги исполни потребните 30-ина поглавја, а знаеме дека Турците преговараат за нивно исполнување уште од 1960-ите години, така да Русија нема потреба да се грижи дека Украина бргу би влегла во Европската Унија, изјави Бжежински.

Би можело да ве интересира

Загина еден од најдобрите украински пилоти

Три лица загинаа во авионска несреќа во САД

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

САД се длабоко вознемирени од грузискиот закон за странски агенти

Буданов: Ситуацијата во регионот Харков станува критична за вооружените сили на Уркаина