Претседателката на Јужна Кореја Парк Геун Хуе денеска повторно побара извинување од Јапонија поради сексуалната злоупотреба на над 200.000 жени од Кореја во времето на Втората Светска Војна. Парк нагласи дека за Јапонија истекува времето за официјално извинување, бидејќи останале уште малку преживеани жени на кои јавното јапонско извинување би им значело нешто.
Формалното извинување јапонските политичари го избегнуваат бидејки тоа би значело признавање на империјалистичките намери на царството од Токио за поробување на територијата на Корејскиот полуостров. Јапонија нуди финансиско обештетување на преживеаните и на нивните семејства, со што жртвите би имале третман на воени заробеници.
Јужна Кореја е незадоволна и поради се пораширените ставови во јапонските медиуми според кои жените од Кореја, но и голем број жени од Кина и Индонезија во воените кампови работеле како проститутки, а не како „сексуални робинки“.
Прашањето на третманот на жените од Кореја за време на Втората светска војна и спорот околу сувереноста на неколку помали острови се главна пречка за потпишување на повеќе билатерални договори за воена соработка меѓу Јапонија и Јужна Кореја, Индиректно, ваквата соработка се остварува со тоа што идентични договори за стратешка воена соработка двете држави ги имаат со САД.