Јужна Кореја на речиси половина милион долари ја зголеми наградата за информација што ќе доведе до приведувањето на Ју Бјунг-еун, првиот човек на семејството кое го поседува фериботот што потона минатиот месец, при што загинаа над 300 лица.
Сумата од 500 милиони вони (490.000 долари), што властите ја понудија по една недела неплодна потрага по Ју, сега е десеткратно зголемена од првичните 50 милиони вони.
Тоа е максималниот износ што законот го одобрува како награда за фаќање на лица по кои се трага.
– Тоа е највисоката сума што некогаш некој истражен орган ја понудил како награда, рече претставник на обвинителството.
Поголемата ќерка на Ју Бјунг-еун беше уапсена во Франција во врска со истрагата на јужнокорејските власти против нејзиниот татко под обвинение за корупција. Таа, како што јави ИТАР-ТАСС, била приведена од француските власти под сомнеж за присвојување туѓ имот, откако обвинителството на Јужна Кореја побарало помош од Интерпол за нејзиното откривање
Ју Бјунг-еун е озомничен за присвојување парични средства, криминална небрежност и прикривање доходи од холдинг компанија што ја поседуваат неговите синови, која управувала и со потонатиот ферибот.
Властите предложија и награда од 100 милиони вони (96.000 долари) за информација која ќе доведе до приведување на едниот негов син. За вториот се смета дека се наоѓа во САД.
Ју Бјунг-еун и неговите синови ги одбегнаа повиците за распит и против нив се издадени наредби за приведување.