Јужна Кореја изрази жалење поради новиот ултиматум, поставен вчера од Северна Кореја, соопшти претставник на властите.
Врховната команда на севернокорејските вооружени сили побара вчера во ултимативна форма од Јужна Кореја да се откаже од непријателски активности насочени против Пјонгјанг.
Ако јужнокорејските власти сакаат да почнат дијалог, Сеул треба да се извини за активностите кои се навредливи за достоинството на Северна Кореја се наведува во соопштението, објавено од севернокорејската државна новинска агенција КЦТА.
Портпаролот на јужнокорејското министерство за национална одбрана посочи дека причина за ултиматумот е спалувањето портрет на основачот на Северна Кореја Ким Ил Сунг од учесници на антисевернокорејски митинг.
– Ние ги следиме сите активности на севернокорејските војници и сме подготвени да одговориме на секоја провокација, истакна тој.
Белата куќа објави дека јужнокорејската претседателка Парк Гун-хе на 7. мај ќе биде примена од американскиот колега Барак Обама. Средбата ќе се одржи во време на зајакнати тензии на Корејскиот полуостров.