Јужна Кореја денеска истрела ракета и во орбитата изведе сателит, а на овој начин, по двата последни неуспеха, влезе во затворениот клуб на азиски вселенски сили, пренесоа француските медиуми.
Сеул соопшти дека по прв пат успешно истрелал сателит од сопствена територија, информираат американските медиуми.
Ракетата носач со тежина од 140 тони „КСЛ Ви-1“, разработена во соработка со Русија, се лансира утринава во 07.00 часот по Гринич, од јужнокорејскиот космодром Наро.
Снимки од настанот директно емитуваа повеќе локални телевизии.
Космодромот Наро, исто така, е изграден со помош на руски експерти, забележуваат руските медиуми.
Република Кореја стана 13-та држава во светот која истрелала сателит од сопствена територија.
До овој момент Сеул во вселанта има испратено десетина вселенски летала, но секогаш од туѓа територија и со помош на странски ракети носачи.
Пред повеќе недели Северна Кореја, заколнатиот соперник на Југот, успешно истрела сопствен сателит и го изненади цел свет, напоменаа американските медиуми.