Високи претставници на Јужна и Северна Кореја оваа недела повторно ќе се сретнат во врска со отворањето на заедничката индустриска зона Каесонг, јави Анадолија.
Јужнокорејското Министерство за обединување соопшти дека двете страни на 17 јули во пограничниот град Каесонг ќе одржат состанок. Во соопштението се наведува дека станува збор за трета средба овој месец.
Иако двете страни се согласиле околу повторното отворање на индустриската зона, Сеул и Пјонгјанг не се согласуваат на кој начин тоа ќе се спроведе.
Јужна Кореја во мај оваа година го повика Пјонгјанг на дијалог околу отворањето на заедничката индустриска зона, што беше одбиено од страна на Северна Кореја.
Откако Северна Кореја донесе одлука за активирање на нуклеарниот реактор, на јужнокорејските работници не им беше дозволен влез во зоната. Пјонгјанг на 3 април од регионот Каесонг повлече 53.000 свои работници.