Кралскиот суд во Јордан денеска соопшти дека принцот Хамза, полубрат на јорданскиот крал Абдула Втори, се извинил за неговата улога во минатогодишниот заговор во државниот врв и побарал прошка од кралот.
Принцот Хамза е обвинет за вмешаност во заговор за дестабилизација на кралството, па поради тоа во април минатата година беше ставен во домашен притвор.
Хамза потоа ги отфрли обвинувањата, велејќи дека е казнет затоа што зборувал против корупцијата меѓу државните функционери, но кралот Абдула го обвини својот полубрат за бунт, велејќи дека спорот ќе биде решен во семејството и Хамза ќе остане во неговата палата и под заштита на кралот.
Судот за државна безбедност осуди двајца поранешни високи јордански функционери вклучени во наводен заговор и бунт на по 15 години затвор.
Извор: МИА