Израел синоќа соопшти дека дознал за „конкретни закани“ од терористички напади врз еврејски или израелски цели во Тунис.
– Информацијата укажува дека постојат планови за терористички напади врз Израелци или Евреи во Тунис, се наведува во соопштение од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Заканите се поврзани со еврејскиот празник Лаг Ба-Омер, кој се прославува на 7 мај, се додава во соопштението, со повик до евреите да не патуваат во Тунис во тој период.
Илјадници верници ги посетуваат гробовите на познатите рабини за време на овој празник, вклучувајќи го и островот Ѓербу, каде живее една од последните еврејски заедници во арапскиот свет.
Неколку илјади Евреи од Франција и Израел заминуваат на овој остров секоја година.
На островот Ѓербу, при нападот врз древната синагога Ел Гриба во 2002 година, се убиени 19 лица, за чие извршување е обвинета Ал Каеда.