Израел: Ќе го таргетираме Хамас каде и да е, никаден нема имунитет

Од:

Израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дени Данон, објави дека на денешниот состанок на Советот за безбедност на ОН посветен на израелскиот напад врз лидерите на Хамас во Доха, главниот град на Катар, ќе го пренесе ставот на неговата земја дека палестинските милитанти се легитимни цели насекаде.

„Имам намера да му ставам јасно до знаење на Советот: терористите нема да имаат имунитет – ниту во Газа, ниту во Либан, ниту во Катар“, рече Данон на мрежата X.

Израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, исто така, предупреди дека Израел ќе продолжи да го таргетира Хамас „каде и да е“.

Тој во изјава за Фокс њуз синоќа изјави дека „доколку израелската војска промаши некои цели за време на нападот во Доха, ќе ги погоди следниот пат“.

Израел изврши напад врз лидерите на Хамас во Доха, Катар, во вторник попладне.

Израелските медиуми објавија дека нападот е извршен со употреба на 15 израелски борбени авиони, кои испукале 10 ракети кон една цел.

Хамас соопшти дека петмина од неговите членови се убиени, но рече дека нивното врвно раководство преживеало.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот бил „целосно оправдан“ бидејќи ги таргетирал високите лидери на Хамас кои го оркестрирале нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.

Хамас рече дека нападот бил „грозоморно злосторство, јасен чин на агресија и очигледно кршење на сите меѓународни норми и закони“.

Катар рече дека нападот бил „јасно кршење“ на меѓународното право и претставувал „сериозна закана“ за народот на Катар.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „не е воодушевен од начинот на кој сè се одвиваше денес“.

Тој рече дека дознал за нападот од американската војска додека нападите биле во тек.

Тој исто така рече дека елиминирањето на Хамас е „достојна цел“.

Лидери на Велика Британија, Франција, Турција, Германија, Шпанија, претставници на ЕУ и ОН го осудија нападот.

Постојаната мисија на Јужна Кореја, која претседава со Советот за безбедност на ОН во септември, соопшти дека телото ќе се состане денес во врска со израелскиот напад врз Катар.

„Состанок според точката на дневен ред „Ситуацијата на Блискиот Исток“ е закажан за утре во 15:00 часот по локално време“, изјави мисијата за новинарите синоќа.

Би можело да ве интересира

Трамп: Одлуката за напад врз Катар беше единствена одлука на Нетанјаху

Катар се закани со одмазда на Израел по нападот во Доха

WSJ: Турција и Египет го предупредиле Хамас да ја засили безбедноста пред нападот во Доха

Хамас: Преговарачки тим го преживеа израелскиот напад

Сар: Слушаме што велат нашите пријатели, но дејствуваме во согласност со нашите интереси

Ал Арабија: Убиен е главниот преговарач на Хамас

Горан Наумовски