Ирскиот премиер Лео Варадкар ја предупреди израелската влада дека меѓународната солидарност по нападот на Хамас може да испари доколку нејзиниот одговор во Газа е непропорционален.
„Позицијата на Ирска е многу јасна по ова прашање – Израел е демократска држава, таа е суверена држава, таа е меѓународно призната држава, има право да постои“, рече тој.
„За жал, Израел е опкружен со непријатели кои сакаат да го избришат од лицето на земјата, па затоа мора да се одбрани. Но, тоа мора да го направи на начин што е пропорционален“, посочи тој.
„И ние многу јасно и кажуваме на израелската влада, иако постои голема солидарност на САД и европските земји зад Израел, во овој момент таа солидарност може да исчезне, и мислам дека ќе исчезне ако одговорот на Израел во Газа биде непропорционален, особено ако цели кон цивили“, нагласи ирскиот премиер.
Бројот на Палестинци убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа во средата се искачи на најмалку 1.050. Хамас, исламистичката милитантна група која владее со Газа, масакрираше израелски цивили во пограничните градови и на музички фестивал во саботата. Според војската, бројот на загинати во Израел е повеќе од 1.200.
Израел одговори со масовни воздушни напади врз густо населената и сиромашна палестинска енклава. Тој, исто така, спроведе „тотална опсада“, прекинувајќи ги комуналните услуги.
„Ние сме многу против фактот дека цивилната инфраструктура како водата, струјата се прекинати, сметаме дека ова е многу погрешен пристап“, додаде Варадкар.