Низ цела Русија, во приватни разговори и на социјалните мрежи, сè погласно се поставува прашањето дали Владимир Путин ќе прогласи нова мобилизација. По речиси пет години војна, Русија сè потешко наоѓа доволно војници за пополнување на своите редови, бидејќи одѕивот на доброволците е сè послаб, а загубите на боиштата во Украина се големи, пишува „Гардијан“.
Путин не се откажува од своите територијални цели, иако руската летна офанзива стагнира, поради што Кремљ се соочува со сериозен недостиг на воен персонал. „Проблемот за Кремљ е што сè потешко се наоѓаат луѓе подготвени за војна, дури и за огромни суми пари“, рече Алексеј Табалов, активист за човекови права и раководител на организација која им помага на руските регрути.
Путин последен пат нареди мобилизација во септември 2022 година, кога по низа порази на боиштето повика 300.000 резервисти за да ги стабилизира линиите на фронтот. Оттогаш Москва избегнуваше нов, крајно непопуларен повик и се потпираше на профитабилни договори. На тој начин регрутираше околу 1,3 милиони војници.
На мажите, особено од посиромашните руски региони, им се нудат бонуси и плати кои можат од корен да им го променат животот. Сумите често ги надминуваат повеќегодишните локални плати, а на семејствата им се ветуваат и значителни исплати во случај на загинување.
Но, поради големите загуби, Русија мора постојано да наоѓа нови војници. Западните проценки зборуваат за повеќе од 30.000 загинати и ранети руски војници секој месец. Овој број е последица на тактиката на исцрпување, во која мали јуришни групи постојано се испраќаат во напади со исклучително големи загуби.
Според пресметките на Јанис Клуге, специјалист за Русија од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, Москва моментално регрутира околу 1.000 војници дневно. Тоа значи дека повеќето нови војници се користат за пополнување на проретчените единици, а не за зајакнување на офанзивните капацитети, што повторно го актуелизира прашањето за мобилизација.
Високи руски функционери ги отфрлија медиумските написи за скорешен повик. Поранешниот претседател Дмитриј Медведев ги нарече „бесмислици“ и „лажна украинска провокација“. Два извора запознаени со разговорите во Москва исто така потврдија дека нема индикации дека Путин одлучил да нареди нова масовна мобилизација, а тоа го потврди и висок западен функционер.
И покрај тоа, стравот од нов повик сè повеќе е присутен во секојдневните разговори. Во групите на Телеграм, Русите разменуваат гласини за можна мобилизација и совети како да добијат ослободување или да го избегнат повикот. Некои шпекулираат дека новиот бран би можел да следи по септемвриските избори за Думата.
„Во моментов само се шпекулира дали навистина ќе дојде до мобилизација“, рече Иван Чувиљаев, портпарол на групата „Get Lost“, која им помага на руските војници да дезертираат. Тој додава дека ваквите шпекулации веќе се користат за поттикнување на регрутацијата.
„Функционерите ја користат паниката околу мобилизацијата за да ги натераат мажите да потпишат договори. Пораката е јасна: мобилизацијата и онака доаѓа, па подобро веднаш да потпишете договор и да ги земете парите пред да ве натераат да се борите“, објасни Чувиљаев.
Извори блиски до Кремљ тврдат дека властите засега повеќе сакаат да ги принудуваат луѓето да потпишуваат договори отколку да ризикуваат нова мобилизација. Адвокатите и активистите во текот на летото забележаа сè поагресивни методи на регрутација. Полицијата приведува мажи на улица, ги носи од работните места или ги повикува во полициски станици, а потоа ги префрла во регрутни центри, каде што ги принудуваат да потпишат договори.
„Сè се претвори во лов на луѓе“, рече Табалов. „Користат различни изговори, измами, уцени, насилство и закани за да ги натераат да потпишат“, додаде тој.
Табалов наведува дека регрутерите сè повеќе целат кон „социјално маргинализирани“ мажи, вклучувајќи ги оние со долгови, криминални досиеја или други слабости кои можат да се искористат за притисок.
Во регионот Пенза, каде што се забележани некои од најагресивните методи, на интернет се појавија снимки на кои се гледа како мажи ги носат во комбиња додека нивните семејства протестираат. Активистите тврдат дека на некои им се заканувале со кривичен прогон или ги тепале додека не се согласиле да потпишат.
Потрагата се прошири и во други сектори. Универзитетите и техничките училишта се поттикнуваат да регрутираат студенти во новоформираните единици за дронови. Путин неодамна потпиша и закон со кој се проширува кругот на затвореници кои можат да потпишат договори со армијата, што сега ги опфаќа и оние осудени за тешки и особено тешки кривични дела.
Голем дел од одговорноста за пронаоѓање војници е префрлен на руските региони. Од гувернерите и локалните власти се очекува да ги исполнат квотите што ги одредила Москва. На тој начин Кремљ се дистанцира од процесот, а одговорноста за исполнување на целите паѓа врз регионалните функционери.
Околу овој систем се разви профитабилна индустрија. Регионалните власти нудат илјадници долари не само на војниците кои ќе потпишат договор, туку и на оние кои ќе ги пронајдат. Преку програми од типот „доведи пријател“, на жителите им се плаќа за секој човек што ќе го убедат да се пријави.
Приватни регрутери и вработени во јавниот сектор ги пребаруваат социјалните мрежи во потрага по кандидати, а огласите за воени договори станаа сеприсутни. Според пишувањето на независниот руски портал „Истории“, руските региони им исплатиле на регрутерите најмалку 7,7 милијарди рубљи, односно околу 96 милиони долари, откако биле воведени овие програми.
Еден регрутер од централна Русија, кој за „Гардијан“ зборуваше анонимно, рече дека неговата организација мора да пронајде меѓу 20 и 30 мажи месечно. За надминување на целта добиваат бонуси, а за неисполнување се предвидени казни.
„Минатата година беше полесно. Сега сè е потешко“, истакна тој. Додаде дека и во неговата канцеларија се разговара за мобилизацијата, но дека сè уште нема никакви наредби или индикации дека новиот повик е близу.
Нова масовна мобилизација би носела значителни политички ризици за Кремљ.
Мобилизацијата од 2022 година предизвика еден од најголемите бранови на внатрешни немири од почетокот на инвазијата, доведе до масовно иселување на Руси од земјата и предизвика нагло опаѓање на рејтингот на Путин. Сега тоа би се случило во чувствителен момент.
„Мислам дека нема да можат да регрутираат доволно луѓе“
Неодамнешните анкети покажуваат дека довербата во насоката на војната опаѓа. Процентот на Руси кои сметаат дека воената кампања во Украина се одвива добро падна на најниско ниво од април 2022 година. Аналитичарите проценуваат дека Москва засега најверојатно ќе ги засили напорите за регрутација.
Тоа ќе го направи преку поголеми бонуси, притисок врз регионалните функционери и сè поприсилни методи. Дали тоа ќе биде доволно, на крајот би можело да одреди дали Путин ќе посегне по нова мобилизација, смета активистот Табалов.
„Мислам дека во постојниот систем нема да можат да регрутираат доволно луѓе. Тогаш ќе се соочат со прашањето каков облик на мобилизација да изберат“, заклучи тој.
