Украинскиот технолошки претприемач и поранешен министер за одбрана Михајло Федоров на конференцијата „IT Arena 2026“ во Лавов го претстави новиот проект „Армија на роботи“, чија цел е да се забрза употребата на роботски системи во војната и дел од најопасните задачи на војниците да се префрлат на машини.
Федоров оцени дека следниот голем технолошки чекор по масовната употреба на дронови е проширувањето на роботиката во копнените операции. Според него, роботите би можеле да се користат за евакуација на ранети, достава на муниција, поставување и отстранување мини, извидување, одбрана на позиции и напади врз цели.
We’re launching the Army of Robots.
In 2022, we launched the Army of Drones. Today, drones account for over 95% of battlefield strikes, and Ukraine has more than 700 UAV manufacturers.
Now we need the next technological breakthrough: the robotization of warfare.
The goal is… pic.twitter.com/UtaDuV4LXT
— Mykhailo Fedorov (@FedorovMykhailo) September 26, 2026
„Ја започнуваме Армијата на роботи. Во 2022 година ја започнавме Армијата на дронови. Денес дроновите учествуваат во повеќе од 95 проценти од нападите на бојното поле, а Украина има повеќе од 700 производители на беспилотни летала. Сега ни е потребен следниот технолошки исчекор – роботизација на војната“, рече Федоров.
Проектот нема да биде една компанија, туку поширок екосистем на одбранбени технолошки компании, инженери и истражувачки тимови. Планот е да се инвестира во одбранбени стартапи, да се развиваат сопствени проекти, да се тестираат заедно со војската и да се зголеми производството на системите што ќе се покажат ефикасни на бојното поле.
Федоров особено зборуваше за хуманоидни роботи кои би можеле да извршуваат релативно едноставни, но опасни задачи во близина на линијата на фронтот.
„Ќе постојат хуманоидни роботи кои ќе извршуваат едноставни задачи, ќе полнат митралез, ќе менуваат батерија или ќе поставуваат сензор. Тоа се работи што роботот може брзо да ги научи и потоа брзо да биде испратен на бојното поле“, рече тој.
Според планот што го претстави Федоров, целта е во првите шест месеци хуманоиден робот да изврши смртоносен напад врз руски војник, а во рок од една година да биде спроведена првата заедничка операција на роботи и дронови поврзани со алгоритми.
Проектот бара украински и странски компании, инженери и експерти за роботика, а Федоров објави и дека се бара технолошки директор.
„Армијата на роботи“ не започнува од нула. Украина веќе користи копнени беспилотни системи за логистика, евакуација на ранети и борбени задачи.
Според податоците на украинското Министерство за одбрана, копнените роботски системи само во јануари годинава извршиле повеќе од 7.000 борбени и логистички мисии. Најголем дел биле поврзани со снабдување на позиции, достава на муниција и евакуација на ранети од подрачја каде што испраќањето војници би носело висок ризик.
Министерството во јуни објави дека од почетокот на 2026 година одобрило за употреба 50 нови модели на копнени роботски системи, додека во текот на целата 2025 година биле одобрени 60.
Украинските сили веќе тестираат и роботски платформи за директни борбени дејства. Дел од системите се опремени со митралези или фрлачи на гранати, со цел дел од задачите што сега ги извршуваат пешадијците да се префрлат на далечински управувани платформи.
Федоров претходно беше еден од клучните луѓе зад украинската програма „Армија на дронови“, започната по почетокот на руската инвазија. Проектот прерасна во систем за набавка, тестирање и производство на беспилотни летала.
Украинското Министерство за одбрана во јуни објави дека дроновите учествуваат во повеќе од 90 проценти од потврдените напади врз непријателски цели.
Војната во Украина во меѓувреме стана поле за забрзан развој на беспилотни системи. И Украина и Русија користат голем број воздушни и копнени дронови за извидување, напади, логистика, евакуација и минирање, а двете страни се обидуваат брзо да ја приспособат технологијата на противничките мерки.
Токму тоа, според Федоров, е една од причините за новиот проект. Неговата порака е дека Украина мора постојано да отвора нов технолошки циклус пред Русија да успее да ги копира и масовно да ги произведе постојните решенија.
