Фон дер Лајен: Со одлуката на Гаспром, Русија се повредува себеси

Од:

Претседателката на Европската Комисија се обрати кусо пред новинарите по одлуката на Гаспром да ја прекине испораката на гас во Полска и Бугарија, и вети силен и обединет одговор од ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека оваа одлука не е изненадување и дека ЕУ подолго време се подготвува за да стане независна од руските извори на енергија.

Одлуката да прекине со испорака на гас е унилатерална и претставува провокација, рече фон дер Лајен.

Бугарија и Полска ќе можат да сметаат на солидарноста од другите земји членки од кои ќе добијат гас и помош да го ублажат шокот од оваа одлука.

-Ќе ја намалиме нашата независност од руската фосилна енергија оваа година, веќе имаме договор со САД да достави дополнителен гас оваа година и следните и работиме рака под рака со други партнери, увери фон дер Лајен.

Таа вети дека секоја инвестиција во обновливите извори на енергија во ЕУ е инвестиција во енергетската независност на ЕУ од Русија и дека сега е време да се работи со партнери од доверба во оваа област.

Фон дер Лајен исто така предупреди дека компаниите што му плаќаат на Кремљ во рубли за енергија ги кршат санкциите на ЕУ.

-Плаќањето во рубли не е предвидено во договорот и ги прекршува нашите санкции, барањето на Русија да се плаќа во рубли е унилатерално и не е во согласност со договорот, прифаќањето на ова барање е прекршување и носи висок ризик, предупреди фон дер Лајен откако во медиумите се обелодени дека десетина компании и плаќале на Москва во рубли.

Претседателката исто така вети дека интензивно се работи на шестиот пакет санкции против Русија.

-Со денешната одлука Русија се повредува себеси, ја повредува руската економија, се отсекува од важен приход, ние работиме интензивно да се ослободиме од јаглен, а темата за нафтата и за зависноста од гасот е нешто на што работиме со месеци, веќе го намаливме приливот од Русија, изјави фон дер Лајен.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

Русите погодиле воз: Министерството соопшти дека имало западна воена опрема

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства

Катерина Ѓуровски

Руски шпиони ја бараат рутата по која во Украина стигнува оружје

Катерина Ѓуровски

Американскиот Конгрес одобри помош за Украина

Русија бомбардирала свој град: по грешка погодена Белгородската област