Фински неонацисти сакале да ја убијат поранешната премиерка, направиле оружје со 3Д принтер

Од:

Четворица фински неонацисти сакале да ја убијат тогашната премиерка Сана Марин минатата година, а тоа сакале да го направат со оружје испечатено со 3Д печатач.

Марин загуби на изборите во април, а во септември поднесе оставка од функцијата лидер на Социјалдемократската партија. Марин имаше 34 години кога дојде на власт во 2019 година и со тоа стана најмладата личност на премиерската позиција во светот. Пред крајот на мандатот, таа ја воведе Финска во НАТО.

Во понеделникот во Окружниот суд Пајат-Хаме започна судењето на Финците обвинети за злосторства со терористичка намера, за кои властите тврдат дека биле мотивирани од екстремно десничарски идеологии, пишува финскиот YLE.

Според обвинителот, тројца од четворицата обвинети се соочуваат со различни пријави поврзани за кривични дела поврзани со огнено оружје и обука за извршување терористички акт. Четвртиот осомничен се соочува со обвинение за поседување огнено оружје.

Полицијата соопшти дека осомничените се неонацисти кои имале намера да користат тактики за забрзување за да го дестабилизираат општеството, да започнат војна и да ги унапредат своите екстремно десничарски цели. Обвинителот рече дека мажите официјално не формирале група.

На Телеграм двајца од четворицата обвинети разговарале за тоа колку лесно можат да го убијат тогашната премиерка. Марин во тоа време требало да пристигне во нивниот град Лахти, северно од Хелсинки. Полицијата соопшти дека еден од нив прецизирал дека сакале да извршат вооружен напад.

Полицијата претходно соопшти дека осомничените планирале напади на железницата и друга инфраструктура, а разговарале и за плановите за напади врз луѓе. Еден од осомничените како цел ја навел адресата на Европскиот центар за извонредност за борба против хибридни закани со седиште во Хелсинки.

Освен Марин, неонацистите имале и други цели – пратеници, антифашистички активисти и претставници на малцинствата. Тие, исто така, сакале да нападнат локации како што се седиштето на Левиот сојуз, волонтерска книжарница, веганско кафуле и ноќен клуб во градот Тампере.

Би можело да ве интересира

Финска: Затворањето на границите помогна да се избегнат тензиите со Русија

Девојче од Косово е рането во инцидентот во основно училиште во градот Ванта кај Хелсинки

Горан Наумовски

ВИДЕО: Почина едно од децата рането во пукањето во Финска

Катерина Ѓуровски

Пукање во училиште во Финска, ранети повеќе деца

Стоп за возилата со руски таблички во Финска

Финска има нов претседател