Финска има нов претседател

Од:

Поранешниот конзервативен премиер Александар Стуб победи во вториот круг од претседателските избори во Финска, на кои негов противник беше либералниот член на Зелените, поранешниот министер за надворешни работи Пека Хаависто.

Тој беше прогласен за победник откако во вториот круг доби 51,6 отсто од гласовите, откако беа преброени 99,7 отсто. Хаависто освои 48,4 отсто, покажуваат податоците на Министерството за правда. „Единственото нешто за што можам да мислам сега е благодарноста. Ова е голема победа за демократијата во Финска“, рече Стуб.

Во телевизиско обраќање, тој ја нарече победата „најголемата чест“ во неговиот живот и рече дека е „исклучително среќен и благодарен што Финците гласаа во толку голем број и што можам да служам како претседател на Република Финска“.

Стуб е проевропски политичар, голем поддржувач на Украина и со цврст став кон Русија. Стуб и Хаависто влегоа во вториот круг од претседателските избори во Финска, откако ниту еден кандидат не обезбеди доволно гласови во првиот круг пред две недели.

Шефот на финската држава се избира за шестгодишен мандат, надворешната политика ја води во тесна соработка со владата, а воедно е и врховен командант на вооружените сили. Оваа улога доби дополнително значење со оглед на геополитичката ситуација во Европа и влезот на Финска во НАТО. Таа земја има граница со Русија долга 1.340 километри.

Стуб треба да ја преземе функцијата на почетокот на март, наследувајќи го претседателот Саули Ниинисто, кој заврши два шестгодишни мандати и веќе не му е дозволено да се кандидира за функцијата. Под Нинисто и по руската инвазија на Украина, нордиската земја одлучи да аплицира за членство во НАТО во 2022 година. По една деценија воено неврзување, таа стана 31-ва членка на одбранбената алијанса во април 2023 година.

Би можело да ве интересира

Финска: Затворањето на границите помогна да се избегнат тензиите со Русија

Девојче од Косово е рането во инцидентот во основно училиште во градот Ванта кај Хелсинки

Горан Наумовски

ВИДЕО: Почина едно од децата рането во пукањето во Финска

Катерина Ѓуровски

Пукање во училиште во Финска, ранети повеќе деца

Стоп за возилата со руски таблички во Финска

300.000 Финци штрајкуваат – затворени фабрики, продавници, градинки…