Европската народна партија (ЕПП) ќе биде првата што ќе започне со работа во новиот мандат на Европскиот парламент, по триумфот на последните европските избори, што беше четврти пат по ред од 1999 година, јави дописникот на МИА од Брисел.
Она што изненадува е што ЕПП објави дека во идниот состав на Европарламентот, нивната група ќе брои 222 пратеници и истата се очекува да биде потврдена утре, за време на конститутивна седница на групата.
Тоа е за дури десет европратеници повеќе од резултатот што го забележаа на изборите, што значи дека десет неопределени лица во ЕП, во меѓувреме, по изборите на 25-ти мај, одлучиле да и се приклучат на европската организација на демо-христијаните.
Според соопштението од ЕПП, тие во новиот состав на Европарламентот ќе имаат дури 33 пратеници повеќе од второпласираната Партија на социјалистите и демократите (ПЕС), а за утре, народните партии најавуваат и избор на наследник на Жозеф Дол, кој по 15 годиниси заминува од Европскиот парламент, но останува претседател на партијата. Него, во ЕП ќе го замени германскиот европратеник Манфред Вебер, кој е заменик- претседател на ЕПП од 2004 година.
Во текот на утрешниот ден, според соопштението на европските демо-христијани, ЕПП ќе изгласа нови десет потпретседатели кои, исто така, ќе го сочинуваат претседателството на групацијата. Притоа, се најавува дека за првпат, во ЕПП групата ќе се применуваат новите правила усвоени во октомври 2013 година со кои се предвидува дека гласањето може да се одржи само ако најмалку една третина од кандидатите се со друг пол од мнозинството на кандидати.
Целта е со новите правила, вкупната застапеност на припадниците за одржување работни места во рамките на групата да се состои од најмалку една третина од членовите со друг пол од мнозинството членови. Па, така во моментов, шеснаесет европратеници ги поднеле своите кандидатури, од кои подеднакво осуммина се мажи, а осум се жени. Инаку, конститутивната седница на новиот состав на Европскиот парламент, во кој влегоа дури 143 евроскептици, еврофоби и нео-нацисти, е закажана за 1 јули во Европарламентот во Стразбур, Франција.