Европските лидери поднесоа изменета верзија на американскиот мировен план за Украина, во која се отфрлаат предложените ограничувања за вооружените сили на Киев и територијалните отстапки, објави денес Ројтерс.
Документ подготвен за разговорите за мировниот план во Женева, кој го виде Ројтерс, предлага украинската армија да биде ограничена на 800.000 војници во мирнодопски околности, наместо општата граница од 600.000 предвидена во американскиот план.
Во документот, исто така, се наведува дека преговорите за територијална размена треба да започнат од линијата на контакт.
Украина и нејзините европски сојузници, во контрапредлог на американскиот план за завршување на војната, бараат и безбедносна гаранција од САД во случај на уште еден напад од Русија, што ја одразува клаузулата за взаемна одбрана од Член 5 од НАТО, според кој сите членки на Алијансата се должни да реагираат ако една од членките биде нападната, објави денес Блумберг, повикувајќи се на извори во Женева.
Извори запознаени со украинскиот предлог, кој денес ќе им биде презентиран на Соединетите Американски Држави на состаноците во Женева, изјавија дека предлогот на Украина и нејзините сојузници инсистира дека разговорите со Русија за каква било територијална размена можат да се одржат само кога ќе заврши војната по сегашната линија на фронтот.
Контра-предлогот од 28 точки на американскиот мировен план за Украина, исто така, бара замрзнатите руски средства да се користат за реконструкција и компензација на Киев.
Според изворите, Украина и нејзините европски сојузници ги отфрлаат барањата на Москва Киев да отстапи неокупирана територија во источна Украина на Русија, додека многу други клаузули во американскиот мировен план, вклучително и враќањето на сите заложници, се прифатливи за нив.
За време на разговорите во Женева, на претставниците на САД ќе им биде предложено секој договор со Русија да биде под надзор на САД и дека ќе биде гарантиран од мировен комитет со кој ќе претседава американскиот претседател Доналд Трамп.
Предлогот што Украина и нејзините европски сојузници ќе им го презентираат на САД денес на преговорите во Женева предвидува дека САД ќе бидат обесштетени за цврстите гаранции што ги даваат за мир во Украина, а руските средства ќе останат замрзнати доколку Москва не се согласи да плати за штетата што ја предизвикала.
Другите санкции ќе бидат укинати во фази, а Русија постепено ќе се врати во глобалната економија доколку се придржува до договорот.
Европскиот одговор доаѓа во време кога американските, украинските и европските советници за национална безбедност се состануваат денес во Женева за да разговараат за американскиот план за мир во Украина.
Европски, украински и американски претставници пристигнаа денес во Женева за да разговараат за американскиот нацрт-мировен план за завршување на војната во Украина, откако Киев и неговите сојузници изразија незадоволство од делови од предложениот план што вклучуваат големи отстапки за Русија.
Ваквите предлози на европските лидери не се нови, а за нив Русија веќе се изјасни дека не доаѓаат во предвид-посебно не прекин на војната доколку нема потпишан договор за траен мир со прецизни обврски за двете страни.
