Еврокомесар: До средината на јули ќе бидат обезбедени вакцини за 70 отсто од граѓаните на ЕУ

Од:

Европската унија до средината на јули ќе добие 470 милиони дози вакцини против коронавирусот, со што ќе ја постигне целта за вакцинација, очекува еврокомесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон.

– До средината на јули ќе имаме доволно дози за да можеме целосно да имунизираме 70 отсто од граѓаните на ЕУ, истакна Бретон за виенскиот весник „Пресе“, додавајќи дека тоа ќе значи забрзување на планираното темпо за вакцинација.

Инаку, целта на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен отсекогаш била до крајот на летото да се вакцинираат 70 отсто од граѓаните во сите земји членки на Унијата.

Бретон, кој е поранешен француски министер за економија и финансии, укажа дека 53 фармацевтски фабрики се вклучени во производство на вакцини против Ковид-19, односно нивно пакување.

Тој оцени дека договорените испораки од 360 милиони дози во периодот од април до јуни се „солидни“.

– Немам причина за претпоставка дека нема да бидат испорачани. Верувам повеќе од претходно што се однесува на нашите производствени капацитети, нагласи еврокомесарот.

Бретон, исто така, изрази сомнеж дека руската вакцина Спутник В би можела уште оваа година да се произведе според европските стандарди.

– По одобрувањето од страна на Европската агенција за лекови, ќе бидат потребни можеби 10 месеци пред да започне производството, објасни Бретон.

Тој посочи дека секоја нова вакцина е добредојдена, но неопходно е таа да биде достапна во следните три до четири месеци.

– Со голема почит кон руските и кинеските научници, морам да потенцирам дека потребни се неколку месеци, ако не и години, за да се подготви целиот процес на производство, изјави еврокомесарот за внатрешен пазар на ЕУ.

Би можело да ве интересира

Терористите на ИСИЛ влегуваат во Европа преправајќи се дека се Украинци

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

EУ стравува од терористички напади, најголемата закана се напаѓачите „волци“

ММФ ја предупреди Европа: Не се радувајте предвреме

ВИДЕО: Објавени сателитски снимки од движењето на бурата над Европа

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Силната бура што ја погоди Европа однесе жртви од Холандија до Италија

Катерина Ѓуровски