Високиот комесар на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини ја нарече нуклеарната проба, што денеска ја изврши Северна Кореја, „незаконско и опасно однесување“.
Таа во изјавата го повика Пјонгјанг, кој тврди дека тестирал хидрогенска бомба, да се врати на преговорите со меѓународната заедница и да прекине со нуклеарните проби.
– Доколку информациите за оваа нуклеарна проба се потврдат, тоа би претставувало тешко нарушување на меѓународните заложби на Северна Кореја, содржани во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, да не произведува и тестира нуклеарно оружје. Тоа би претставувало закана за мирот на целиот регион на североисточна Азија, додаде Могерини.
Таа нагласи дека денеска ќе разговара со министрите за надворешни работи на Јужна Кореја и Јапонија.
– Ќе работиме со СБ на ОН, кој денеска треба итно да заседава за ова прашање, рече Могерини.
Доколку биде потврдено дека Северна Кореја извршила тестирање на хидрогенска бомба, тоа ќе претставува големо кршење на меѓународниот закон, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
– Таквите чекори придонесуваат за влошување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров, на кој и онака постои голем потенцијал за воена и политичка конфронтација, изјави портпаролката на руското МНР Марија Захарова.
Русија се залага за дипломатско решавање на проблемот на Корејскиот Полуостров и ги повикува сите страни на воздржаност, се вели во соопштението.