Поранешната НБА-ѕвезда, Денис Родман изјави дека младиот севернокорејски лидер Ким Јонг Ун не сака војна со САД туку само сака да зборува со американскиот претседател Барак Обама за заедничката страст – кошарката.
– Тој сака кошарка…Му реков дека и Обама сака кошарка. Нека почнат од тоа, како начин за затоплување на односите меѓу САД и Северна Кореја, изјави Родман за Еј-Би-Си.
– Тој сака од Обама само едно нешто – да му се јави, рече Родман кој го оквалификува Ким како „извонреден човек“.
Според него, севернокорејскиот лидер не сака да води војна.
Родман е најпознатиот Американец кој имал средба со Ким откако младиот лидер презеде раководство со Северна Кореја во 2011 година. Родман ја посети таа држава заедно со играчи на Харлем глобтротерс и сними филм за Ејџ-Би-О, продуциран од Вајс.