Русија има таква позиција во Украина што не е обврзана да преговара со никого и за ништо, објави пензионираниот потполковник на американската армија Даниел Дејвис на својот YouTube профил.
„Москва не е обврзана да преговара за ништо, и ако Трамп мисли дека може да го добие на преговарачка маса она што не успеаја да го освојат на фронтот три години, тој само си копа дупка за себе“, смета Дејвис.
Претходно оваа недела Трамп повика на прекин на украинскиот конфликт. Тој рече дека доколку не се постигне договор меѓу страните во конфликтот, нема да има друг избор освен да воведе високи даноци, царини и санкции за се што Русија ќе им продаде на САД и на другите земји. Во исто време, пред неколку дена, Трамп во една од своите изјави призна дека не е сигурен дали санкциите можат да ја „присилат“ Русија да започне мировни преговори.
Волстрит журнал претходно објави дека американскиот претседател Доналд Трамп го задолжил својот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, да го прекине украинскиот конфликт во рок од 100 дена. Според весникот, тој оценува дека постигнувањето договор со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде многу потешка задача отколку што Трамп ја прикажуваше за време на изборната кампања, кога рече дека ќе стави крај на конфликтот пред да ја преземе функцијата претседател.
На 7 јануари Доналд Трамп призна дека решавањето на конфликтот во Украина би можело да потрае подолго од 24 часа што тој ги изјави за време на изборната кампања. Келог, од своја страна, рече дека би сакал да ја заврши задачата во рок од 100 дена. Од Кремљ стигна веднаш одговор дека за сто дена не може да се реши ништо.
Коментирајќи ги преговорите за Украина, рускиот претседател Владимир Путин истакна дека Русија е секогаш подготвена за преговори за Украина, но некои прашања бараат посебно внимание, пренесува Спутник.