Питер Дасак, еден од експертите на Светската здравствена организација (СЗО) кои престојуваат во Кина во мисијата за истражување на потеклото на коронавирусот во Вухан, денеска во прашање ја доведе веродостојноста на американското разузнавање за пандемијата.
„Не потпирајте се премногу на американските разузнавачки служби“, напиша Дасак на Твитер.
Коментарот, според француските медиуми, уследи по изјавата на портпаролот на Стејт департментот во која САД се дистанцираат од првичните наоди на експертите на СЗО.
Меѓународниот тим кинески експерти и од СЗО вчера соопштија дека не е пронајдено животното од кое потекнува коронавирусот и дека немаат индикации дека вирусот бил присутен во кинескиот град Вухан многу пред да биде откриен.
Експертите, исто така, оценија дека хипотезата дека коронавирусот „избегала“ од лабораторијата е „крајно неверојатна“.
Првите случаи на коронавирусот беа регистрирани во декември 2019 година во Вухан, а епидемијата потоа се прошири низ цел свет.