Пилоти од Британското кралско воено воздухопловство (RAF) пријавиле две блиски средби со неидентификувани летечки објекти (НЛО), кои наликувале на дронови, над Северното Море во текот на февруари. Како што објави денеска британскиот весник „Телеграф“ (The Telegraph), во тек се истраги за овие инциденти.
Првиот инцидент се случил на 18 февруари, додека авион-цистерна „Ербас Војаџер“ (Airbus Voyager) вршел полнење гориво во лет на борбен авион „Тајфун“ (Typhoon) во близина на Кромер, во Норфолк. Според извештајот и аудио-снимките што ги разгледале истражителите, еден неидентификуван објект прелетал директно над авионот-цистерна, поради што пилотот инстинктивно се наведнал.
Пилотот го известил воениот контролор дека објектот наликувал на мал дрон и се движел од исток кон запад, на висина од приближно 30 до 45 метри над авионот.
Екипажот на авионот „Тајфун“, кој во тој момент полнел гориво, исто така го забележал објектот.
Контролорот навел дека објектот не се појавил на радарот.
Вториот инцидент бил забележан на 23 февруари, за време на вежба за симулирана воздушна борба помеѓу два авиона „Тајфун“. Еден од пилотите пријавил црн, кружен објект – со големина отприлика колку автомобилска гума – кој прелетал на околу 90 метри над неговиот авион, на височина од приближно 3.800 метри, на околу 48 километри од Хамберсајд. Ни овој објект не бил детектиран од радарот, а контролорот на летање го пријавил случајот во полицијата во Северен Јоркшир.
Од Кралското воено воздухопловство (RAF) заклучиле дека двајцата пилоти постапиле соодветно.
Во извештајот за вториот инцидент се наведува дека не можеле да се утврдат причините, бидејќи средбата се случила надвор од опсегот на радио-комуникациските фреквенции, а објектот не бил видлив на радарот. Не постојат докази што би ги поврзале неидентификуваните објекти со непријателски држави.
Пилотот на авионот-цистерна „Војаџер“ изјавил дека не може со сигурност да се потврди дали објектот бил дрон; можно е да се работело за балон или нешто слично. Според „Телеграф“, со закон е генерално забрането дроновите да летаат на височина поголема од 400 стапки (приближно 122 метри), но еден од објектите бил забележан на височина од околу 5.000 метри.
Приватните оператори кои сакаат да летаат во зоните за воена обука долж источниот брег, претходно мора да добијат дозвола од воените власти. Овие инциденти се случија во период на зголемена загриженост во врска со потенцијалното надгледување на воените објекти од страна на беспилотни летала. Извештајот на Меѓународниот институт за стратешки студии наведува дека, помеѓу август 2024 и февруари 2026 година, била спроведена кампања за надгледување со беспилотни летала над воените бази во Обединетото Кралство и Европа – операција за која се сомнева дека е поврзана со руските разузнавачки служби и бродови што припаѓаат на таканаречената „флота во сенка“ на Русија. Во овие инциденти, беспилотни летала биле забележани над RAF Lakenheath во Сафолк и RAF Fairford во Глостершир, како и над најмалку две други воздушни бази во Англија што ги користат американските сили.
Портпаролот на британското Министерство за одбрана изјави дека подобрените можности за надгледување и откривање ја подобриле способноста за идентификување и проценка на потенцијалната активност на беспилотни летала.
Портпаролот додаде дека Велика Британија инвестира повеќе од две милијарди фунти во пошироки капацитети за воздушна одбрана и борба против беспилотни летала, што вклучува надградба и одржување на својата флота авиони Typhoon.
Министерството забележа дека останува будно во врска со потенцијалните закани, иако нагласи дека набљудувањето беспилотни летала не мора да подразбира непријателска активност.
