Борел: Агресија на Русија против Украина ќе резултира со политички и економски последици

Од:

Секоја агресија против Украина нема да помине без политички последици и високи економски трошоци за Русија, изјави денеска во Европскиот парламент високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел. Сепак тој додаде дека ЕУ првенствено ќе се обиде да спречи ескалација на тензиите меѓу двете земји.

– Секоја агресија против Украина нема да помине без политички последици и високи економски трошоци за Русија, изјави Борел пред европратениците.

Украина, Европската унија и САД со недели ја обвинуваат Русија за планирање напад врз Украина, иако Кремљ демантира.

– Русија од ноември на необичен начин трупа војници и оружје долж границата со Украина. Украина е наш стратешки партнер и, се разбира, ние сме загрижени поради распоредувањето на руските сили, рече Борел. Тој ја повтори „непоколебливата поддршка“ на Унијата за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Тој најави нов финансиски инструмент за обезбедување санитетска и логистичка поддршка на Украина за „јакнење на нејзината отпорност“, кој не вклучува оружје.

Според НАТО, Русија распоредила меѓу 75.000 и 100.000 војници, а Западот стравува дека тоа ќе значи повторување на 2014 година, кога Русија го анектираше полуостровот Крим. Истата година, проруските сепаратисти окупираа дел од источна Украина, регионите Доњецк и Луганск. Повеќе од 13.000 луѓе се убиени во судирите кои траат веќе седум години.

Борел ја повика Русија да се врати на преговарачка маса со посредство на Франција и Германија. Тој нагласи дека ЕУ „не сака да придонесе за каква било ескалација“ и додаде дека „треба да се очекува најдоброто, а да се подготвиме за најлошото“.

Кремљ негира дека подготвува инвазија на Украина и тврди дека трупањето на руски војници долж границата со таа земја е исклучиво од одбранбен карактер и бара безбедносни гаранции за сопствената безбедност.

Русија го повика НАТО да не распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија и се противи на евентуалното членство на Украина и Грузија во Алијансата.

Земјата, исто така, се заканува дека ќе распореди нуклеарни ракети во Европа како одговор на слични планови на НАТО, кои Алијансата ги отфрла.

Би можело да ве интересира

Стармер: Разговорите за Украина не можат да се водат без Украина

А1он

Оние 300 милијарди долари што Западот ги замрзна на Русија сега стануваат многу важни

А1он

Кличко: Киев цел на повеќечасовен руски воздушен напад

А1он

Падни пред нозете на Американците и капитулирај

САД подготвуваат резолуција за Украина: ЕУ ја смета за контроверзна, Русите ја сметаат за одлична

Украина: Русија сака да прогласи победа на 24 февруари