Основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс предизвика „скандал“ за време на својата посета на Сеул, „навредувајки“ ја претседателката на Јужна Кореја, Парк Геун Хи, тврдат сеулските медиуми.
Случајот со Гејтс предизвка голем публицитет во земјата откако Американецот беше обвинет за „непочитување“ на претседателката на земјата, кога на средбата во претседателскиот кабинет при поздравувањето едната рака ја држел во џебот од пантолоните.
Весниците во Сеул сметаат дека ваквиот гест на Гејтс не е пример за културните разлики меѓу Корејците и Американците туку само за непочитување.
Јужна Кореја е земја во која постои голем респект кон хиерархијата, па е чувствителна на секој и најмал пример што би можел да се означи како повреда на националната гордост.
Весниците во Сеул оценуваат дека Гејтс го навредил претседателот на државата, инсистирајќи дека тој не се однесува така секогаш и во секоја прилика, прикажувајќи негови поранешни фотографии од средби со државници на кои се гледа дека тој „знае да биде формален“.
Нема сознанија како на острите критики од јужнокорејските медиуми реагира Бил Гејтс. Во Сеул, тој претстојуваше за да го промовира неговиот нов проект за развој на идната генерација нуклеарни реактори.