Премиерот на Етиопија, Аби Ахмед, денеска повика на соработка на африканските земји во барањето за две постојани места во Советот за безбедност на ОН.
– Денеска, повеќе од седум децении по основањето на Обединетите нации, Африка останува помлад партнер, без значаен придонес или улога во системот на меѓународно управување, рече Аби во воведниот говор на Самитот на Африканската унија во Адис Абеба.
Тој посочи дека африканските земји треба да инсистираат на барањето Африка да има две постојани и пет непостојани места во Советот за безбедност на ОН.
Генералниот с екретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека соработката меѓу Светската организација и Африканската унија е „посилна од кога било“. Тој во видео врска посочи дека „неправдата е длабоко вкоренета во глобалните системи“ и дека Африканците „плаќаат највисока цена“.
– Неетичките нееднаквости што ја задушуваат Африка поттикнуваат вооружени конфликти, политички, економски, етнички и социјални тензии, кршење на човековите права, насилство врз жените, тероризам, воени удари и чувство на неказнивост, рече Гутереш.
Главните теми на средбата на лидерите од Африканската унија се најновиот нов бран преврати во Западна Африка и бавниот одговор на пандемијата Ковид-19.
Извор: МИА