Белгискиот научник, професор Петер Пиот, кој ја откри еболата, денеска изјави дека е малку веројатно дека оваа смртосносна болест ќе предизвика поголема епидемија надвор од регионот на западна Африка, каде е присутна со месеци.
Професор Пиот во интервју изјави дека „чувството на паника и недостиг на доверба“ кај властите во западноафриканските држави придонесе да дојде до најголемата епидемија од ебола до сега.
Пиот смета дека кога заразено лице би патувало во Европа, САД или на некој друг крај од Африка тоа не би предизвикало поголема епидемија.
Научникот, кој со група научници во 1976 година го откри вирусот на ебола, апелира да се почне со тестирања на експерименталната вакцина со вирус врз луѓето за светот да биде многу поподготвен кога вирусот „неизбежно ќе се врати“.
Тој уште кажа дека без проблем би седнал во воз со лице кое е носител на вирусот на ебола.
– Не се плашам во метро да седнам до некој со вирус на ебола се додека нема близок контакт меѓу нас, рече Пиот.
Од март до сега во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне се регистрирани 1.201 случаи на ебола, од кои 672 починаа.
Сиера Леоне денеска прогласи вонредна состојба заради загрозеност на јавното здравје од досега најголемата епидемија на ебола, поради што безбедносните сили ќе ги повика во карантин да ги стават епицентрите на овој смртоносен вирус.
Меѓународната Асоцијација за авионски сообраќај (ИАТА) претходно денеска соопшти дека Светската здравствена организација (СЗО) не издала препорака за какви било рестрикции при патувањата, ниту затворање на границите заради ширење на епидемијата од ебола. Во соопштението на ИАТА се наведува дека, доколку патник со вирус на ебола се најде во некој авион, тоа ќе претставува мал ризик за останатите патници.
Ебола е хеморагична треска за која нема лек, ниту вакцина, а нејзините симптоми се силна треска, болки во мускулите, повраќање, дијареја, а во некои случаи и откажување на одделни органи и незапирливо надворешно и внатрешно крварење.
Се верува дека носители на еболата се некои животни кои се ловат за храна, особено лилјаците.