Белгискиот адвокат Пол Бекерт изјави дека сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон се наоѓа во Белгија и откри дека тој ќе ги застапува неговите интереси.
Бекерт не потврди дали ќе биде поднесено барање за азил во Белгија од страна на Пуџдемон.
Тој во минатото бил адвокат на членовите на баскиската сепаратистичка организација ЕТА, пишува весникот „Вангардија“. Бекерт, кој е експерт за заштита на човековите права, им давал услуги на членовите на ЕТА за добивање меѓународна заштита во Белгија. Тој уверува дека „е добро запознат со случувањата во Шпанија“.
– Можно е Пуџдемон да побара азил, но не можам да предвидам каков ќе биде исходот од тоа барање, потврди адвокатот.
Бекерт нагласи дека во Белгија одлуката за тие прашања не ја носи Владата, туку независниот Генерален комесаријат задолжен за добивање азил.